Судењето за предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски продолжи денеска со изведување докази на Специјалното јавно обвинителство. Бранителот Љупчо Шврговски побара воопшто да не се пушта снимка од разговор меѓу Сашо Мијалков и Драган Павловиќ-Латас, со образложение дека се нарушува приватноста на Мијалков и дополнително побара да се исклучи јавноста за другите аудио докази.
Обвинителот Љубомир Лапе од СЈО на тоа одговори дека приговорот на одбраната бил за четвртиот разговор, а не за првиот, и оти тогаш треба да реагираат, а не анблок за сите разговори. Во снимката што беше пуштена се слуша како Латас му вика на Мијалков да биде уапсен Бошковски во кафеана и да биде влечен на под. Мијалков го нарекува Бошкоски „лудак“ и додава „се бореше кучето“.
По пуштениот разговор, адвокатот Шврговски повторно реагираше дека во снимката има политичка конотација и приватен разговор и оти се прави театар за јавноста. Тој бара да не се слушаат снимките.
Во предметот на СЈО „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот командант на единицата „Алфи“ Ивица Антевски и петмина припадници на единицата, за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Според обвинението, прво обвинетиот Сашо Мијалков ги навел останатите обвинети при апсењето на Бошкоски во 2011 година душевно да страда поради политичка одмазда за упатени пораки на изборна кампања.