Прекината седницата во косовското собрание поради немање кворум

Косовскиот Парламент. 05.09.2018

Поради немање кворум претседателот на кoсовското Собрание Кадри Весели ја прекина седницата свикана по барање на опозицијата, за расправа за дијалогот со Србија. Вчера исто така беше прекината и другата вонредна седница на барање на премиерот Рамуш Харадинај, за избор на владин тим за преговорите со Србија во Брисел.

Весели го повика собраниското Претседателство и шефовите на пратеничките групи на заеднички состанок денеска во 14 часот со цел да се најде решение за деблокада на Собранието. Двете вонредни седници доживеаја неуспех, бидејќи опозицијата ја бојкотира седницата што беше свикана на барање на Владата, и обратно, владејачките партии ја бојкотираа опозицијата.

На вчера започнатата седница на барање на опозицијата требаше да се изгласа резолуција со која ќе му се забрани на претседателот на државата Хашим Тачи и на било кој друг да преговара за територијата на Косово. Тачи утре ќе отпатува во Брисел на средба со неговиот српски колега Александар Вучиќ, на преговори за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу двете земји.