Стратфор - Референдумот може да ги разгори националистичките чувства

Azerbaijan - Stratfor, Logo, undated

Aмериканскиот центар за стратешки анализи Стратфор, анализирајќи ги политичките случувања на Балканот се осврнува на референдумот во Македонија и на разговорите меѓу Белград и Приштина.

Стратфор во анализата пишува дека референдумот за официјално менување на името на Македонија во обид да се стави крај на долготрајниот спор со Грција, може да ги разгори националистичките чувства, како и политичките опозиции во двете земји.

„И покрај тоа што анкетите на јавното мислење покажуваат дека повеќето Македонци сакаат нивната земја да влезе во Европската унија и НАТО, тие, исто така укажуваат на поделба околу промената на името. Политичката опозиција, предводена од националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ, се противи на преименувањето и размислува дали да води кампања против промената или целосно да го бојкотира референдумот, истовремено охрабрувајќи ги гласачите да не учествуваат на изјаснувањето. За референдумот да биде валиден, најмалку 50 проценти од сите регистрирани гласачи мора да учествуваат. Неколку граѓански организации и невладини организации веќе одлучија да го бојкотираат гласањето“, наведува американскиот Центар.

Понатаму пишуваат дека може да се разниша стабилноста на земјата, со демонстрации и акти на саботажа против референдумот. Како гласањето се приближува, така може да се појават повеќе инциденти на политичко мотивирано насилство, анализира Центарот. Но, според нив, и ако референдумот помине, протестите и социјалните немири би можеле да продолжат, оти за да се спроведе промена на името, Парламентот ќе мора да го промени македонскиот Устав, што според Стратфор, е поцес кој нуди уште еден катализатор за големи антивладини протести.

А прашањето може да предизвика социјални немири и политички турбуленции и во Грција, анведува Стратфор. Стратфор, во анализата, се осврнува и на спорот меѓу Белград и Приштина.

На крајот, Стратфор заклучува дека и покрај напорите на соседите да дојдат до меѓусебен договор, сепак, многу од прикриените проблеми во Западен Балкан продолжуваат да се појавуваат на површина, и многу делови од регионот остануваат подложни на социјални немири и етнички мотивирано насилство. Во услови на таква состојба, дури и преговорите што се наменети за решавање на тековните спорови го носат ризикот од предизвикување нови конфликти.