Хелбах: Сега е моментот кога треба да се донесе вистинската одлука

Илустративна фотографија

Спогодбата со Грција е историско решение и сега е моментот кога треба да се донесе вистинската одлука затоа што во спротивно вашата земја може повторно да биде закочена на одреден начин, порача специјалниот претставник на германското МНР за Југоисточна Европа и Турција Кристијан Хелбах, кој попладнево присуствува на тркалезната маса „Евроатлантска иднина за Македонија?".

" Вашата земја има евроатлантска перспектива. За жал, вашата европска интеграција предолго време беше закочена поради проблемот со името. Ова прашање трае многу подолго и тоа не само што ја врати вашата земја назад, туку беше многу болна и за нас. Кај нас постои интерес за приближување на вашата земја кон ЕУ и НАТО и тоа не само на вашата земја, туку и на целиот Западен Балкан и тој интерес е пред се од безбедносен аспект", истакна Хелбах.

Прашан за неизјаснувањето на најголемата опозициона партија за референдумот, Хелбах рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на земјата, но оти е многу важно сите да се вклучат во референдумот. Најави дека во следниот период Македонија ќе ја посетат германската канцеларка Ангела Меркел, како и министерката за одбрана, министерот за надворешни работи и државниот министер за ЕУ.