ДУИ и официјално во кампања за поддршка на референдумот

Централниот одбор на Демократската унија за интеграција доцна синоќа усвои Политичка платформа за референдумот, а со цел интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија.

„Свесни за важноста на овој заеднички предизвик и определени да ги исполниме сите обврски во овој процес, членовите на Централниот Одбор на ДУИ ги потврдуваат политичките определби и истакнатите демократски вредности во Политичката декларацијата за основањето на партијата. Констатираат дека Евроатлантскиот курс на Македонија и на регионот е единствена алтернатива за заедничката иднина на Македонија и регионот. Ценат дека референдумот од 30 септември е определба за подобро демократско општество, со целосно владеење на редот и законот како и со беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал“, пишува во соопштението на партијата.

На синоќешниот состанок. членовите на ЦО го задолжиле Централниот штаб на ДУИ и нивниот лидер Али Ахмети да дејствуваат во согласност „со огромното мнозинство на Албанците и другите граѓани во кампањата „ЗА„ и да соработуваат со политичките партии, академската заедница, создавачите на јавното мислење, интересните групи и медиумите во кампањата за Европа и за НАТО“.Тие упатија апел и до дијаспората на 30 септември да го подржи референдумот за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.