На 13 септември продолжува судењето за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“

Сашо Мијалков на рочиште за „Таргет-Тврдина“

На денешното рочиште за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“ присутни беа сите обвинети и нивните бранители, а обвинителот Трајче Пеливанов од СЈО побара да се отповика претходното решение за раздвојување на постапката за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и повторно да спои постапката. Судот одлучи на наредното рочиште да донесе решение за повторното спојување на постапката за Јанкулоска.

Обвинителката Ленче Ристовска рече дека СЈО обезбедило голем број на материјални докази и искази на сведоци кои ја разрешуваат дилемата кој, на каков начин и со кои средства и мотиви го вршел незаконското прислушување и оти ќе докажат дека е сторено кривично дело злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски.

Шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, на денешното рочиште се изјасни дека немал намера, волја ни свест да направи кривично дело, додека Мијалков кратко рече дека не се чувствува виновен. За невини се изјаснија и другите обвинети, поранешни и сегашни вработени во УБК. Следното рочиште е на 13 септември кога ќе бидат сослушувани сведоци на СЈО.