ВМРО ДПМНЕ: Народот е за ЕУ и НАТО, но против капитулантскиот договор

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

"Заев треба да знае дека најголемиот дел од граѓаните се за влез во НАТО и ЕУ, но жестоко се противат на капитулантскиот договор што го потпиша со нашиот јужен сосед", изјави на попладневната прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Притоа тој истакна дека договорот потпишан со Грција значи бришење на македонскиот идентитет.

Тој напомена и дека криминалот и расипништвото не се европски стандарди.

„Не е европска вредност државата да биде водена од премиер кој сите го видоа како бара мито од ‘едно евро за црквата и едно евро за Вице’. Не е европска вредност државата да биде водена од премиер кој е двапати аболициран за криминал“, рече Јанушев.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повика граѓаните да гласаат против или да го бојкотираат референдумот, генералниот секретар истакна дека во периодот кој следува, во момент за кој партијата ќе процени дека е најсоодветен, во јавноста ќе го споделат својот став во врска со референдумот.