Апелација ја одложи јавната седница за жалбата на Груевски за „Тенк“

Архива: Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“. Суд.

Во Апелацискиот суд во Скопје денеска почна и веднаш се одложи јавната седница, на која треба да се одлучи по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот на СЈО „Тенк“ за набавката на „мерцедесот“ вреден 600 илјади евра.

Причина за одложувањето на седницата е неприсуството на осудениот Груевски и неговите четворица адвокати, кои според претседателката на кривичниот совет Цветанка Перишиќ уредно го известиле судот дека денеска ќе приствуваат на рочиштето во Кривичниот суд Скопје за предметот на СЈО „Насилство во центар“, во кое Груевски, исто така, е обвинет. Седницата е презакажана за утре.

Во случајот „Тенк“ Груевски е осуден на две години затвор како поттикнувач за извршување на делото, додека поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, е осуден на шест години и шест месеци затвор.