Турција во замена за реформите, очекува визна либерализација

Tурскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу .

Приоритет за Турција во претстојниот период ќе биде исполнување на реформите потребни за прием во Европската унија, по што земјата ќе очекува да види резултати, вклучително и во нејзиното барање за визна либерализација за турските државјани во ЕУ, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу .

Чавушоглу рече дека државата забрзано ќе работи на реформите во правосудството, човековите права и слободи, кои ЕУ ги бара од Турција. Турција и ЕУ постигнаа договор за визна либерализација како дел од договорот за запирање на мигрантската криза од 2016 година, но по обидот за државен удар во Турција овие разговори беа прекинати.

Чавушоглу додаде дека не очекува отворање на нови поглавја во турските преговори со ЕУ додека Австрија претседава со Унијата, имајќи го предвид силното противење на Австрија на турскиот прием во ЕУ. Сепак, според министерот, Турција очекува одново да почнат разговорите за модернизирање на трговскиот договор со Европската унија.