Во најголемиот затвор во земјата, КПД „Идризово“ денеска беа отворени нови сместувачки капацитети, односно нови објекти и полуотворено одделение со капацитет од 546 лица, како дел од мерките на Владата и Министерството за правда за подобрување на условите за извршување на санкциите во Македонија, соопшти министерката за правда Рената Тренеска Дескоска за време на отворањето.
Таа истакна дека во Идризово се сместени повеќе од три петтини од затворениците во земјава, а оти неговата пренатрупаност води кон несоодветни услови и отежнато одржување на редот и безбедноста во затворот.
„Инвестициите во просторот се следени и со инвестиции во човечкиот капитал, односно градење човечки капацитети, преку обуки на вработените, напори за подобрување на здравствената заштита, потоа градење на мобилни судници, но и реформи што значат развивање алтернативи за кратките затворски казни, ревизија на Кривичниот закон и праксата на определување на притвор и изрекување казни“, рече Дескоска.