Украина ги затвори претставништвата во ЗНД

Самит на лидерите на ЗНД во близина на Москва на 26 декември 2017

Украина ги затвори своите претставништва во земјите-членки на Заедницата на независни држави (ЗНД). ЗНД е лабава група на поранешни советски републики. Извршниот секретар на ЗНД, Сергеј Лебедев денеска соопшти дека украинските претставништва биле затворени претходно овој месец, додавајќи дека односите на заедницата со Украина се одржуваат преку украинската амбасада во Минск.

„Сè уште се надевам дека Украина ќе остане членка во Заедницата“, рече Лебедев.

Украинскиот претседател Петро Порошенко претходно оваа година потпиша указ со кој ги отповикува претставниците на Украина во телата на ЗНД и најави дека планира да ја напушти организацијата, критикувајќи го нејзиниот „неуспех да ја осуди руската агресија“ во неговата земја.

Русија нелегално го анектира украинскиот регион Крим во март 2014 година и ги поддржува сепаратистите на истокот на Украина во конфликтот во кој досега загинаа над 10 илјади луѓе.

Порошенко смета дека иднината на Украина е во Европа, а не со Русија.

Украина беше придружна членка на ЗНД од нејзиното формирање по распадот на СССР во 1991 година. Полноправни членки се Русија и осум поранешни советски републики – Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан.