Шекеринска: Македонија се гордее со стратешкото партнерство со САД

Архива: Министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средба со американските конгресмени предводени од конгресменот од Тексас Бил Флорис порача дека Македонија се гордее со стратешкото партнерство со САД и ја цени поддршката за интеграцијата во ЕУ и НАТО, соопшти Министерството за одбрана.

На средбата во македонското Министерство за одбрана биле потврдени одличните партнерски релации меѓу двете земји, како и поддршката на САД во однос на реформите што ги презема Владата. На средбата била упатена честитка за добивањето на почеток на пристапните преговори со НАТО.

„За нашите граѓани нема алтернатива освен интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО. над 75 проценти ги поддржуваат ЕУ и НАТО интеграциите. Членството во НАТО и ЕУ ќе ги стимулира инвестициите, трговијата, пристапот до поширок заеднички ЕУ пазар, ќе ја зголеми мобилноста на луѓето, добрата и капиталот, ќе ни помогне да креираме повеќе работни места и да ги задржиме младите во својата татковина“, рече Шекеринска.