Русија ќе одржи најголеми воени вежби во скоро четири децении

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека следниот месец земјата ќе ги одржи најголемите воени вежби од 1981 година, објавија руските новински агенции.

Шојгу денеска е цитиран како вели дека вежбите наречени „Исток 2018“ ќе се одржат во руските централни и источни воени области и оти во нив ќе бидат вклучени 300.000 војници, повеќе од 1.000 авиони, Пацифичката и Северната флота и сите руски воздухопловни единици.

„Ова е најголемата вежба која се одржува во Русија од 1981 година“, изјави Шојгу.

Најавата доаѓа во услови кога односите меѓу Москва и Западот се на најниско ниво по Студената војна, поради прашањата како руската анексија на Крим, нејзината улога во војните во Сирија и во Украина и нејзиното наводно мешање во изборите во САД и Европа.