Анкета на АП: 60 отсто од Американците не се задоволни од Трамп

Мнозинството Американски му дадоа лоша оценка на американскиот претседател Доналд Трамп за неговиот целокупен ангажман, иако доби релативно добра оценка за економската политика, покажуваат резултатите од најновата анкета на новинската генција Асошиејтед прес и НОРЦ - Центарот за истражување прашања од јавен интерес.

Како што објави АП, според анкетата, околу 60 проценти од Американците не ја одобруваат неговата работа како претседател, а само 38 отсто се оптимисти. Трамп најдобра оценка од јавноста доби за начинот на кој раководи со економијата, при што доби поддршка од 51 процент од испитаниците.

Една третина од Американците изјавија дека го одобруваат учеството на Трамп во истрагата на Роберт Малер за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година.

Наспроти тоа, испитаниците не ја одобруваат политиката на Трамп за имиграцијата и за здравствената заштита. Само 38 проценти од испитаниците се согласуваат со политиката на претседателот за имигрантите, додека 36 отсто од Американците го одобруваат неговото дејствување во областа на здравствената заштита.

Иако граѓаните се претежно песимистични за надворешната политика, при што Трамп има поддршка од само 36 проценти, Американците се пооптимистични за политиката кон Северна Кореја, каде претседателот има поддршка од 47 отсто од испитаниците, покажуваат резултатите од анкетата.