Судењето за „Монструм“ продолжува на 31 август

Архива: Судење за случајот Монструм.

Судењето за случајот „Монструм“ на СЈО за петкратното убиство на Смилковско езеро на 12 април 2012 година, продолжува на 31 август со сослушување на загрозениот сведок од страна на судот.

Загрозениот сведок рече дека на 12 април 2012 година видел четири тела кај Смиљковското езеро, а одбраната со повеќе прашања се обидуваше да ја собори веродостојноста на неговиот исказ. Загрозениот сведок исказот го даваше од друга просторија со мутиран глас и засенчена слика.

Tој исто така кажа дека кај Смилковско езеро на 12 април, освен „голф 3“ видел уште две патнички возила, едно со сина боја, а второто со бела. Претседателот на судскиот совет, судијата Ставрев даде предлог да се договори на следното рочиште да се види и возилото.

Адвокатката на семејствата на жртвите Дафинка Ивановска, рече дека од денешното сведочење на загрозениот сведок произлегува многу јасно објаснување и кажување за настанот, додека адвокатот на одбраната Насер Рауфи по завршување на судењето рече дека во неколку ситуации можело да се утврди дека загрозениот сведок не ја зборувал вистината.

На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски, на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.