Заштитениот сведок препозна тројца од обвинетите во „Монструм“

Судење за преметот „Монструм“ во Кривичниот суд

На денешното судско рочиште за предметот на СЈО „Монструм“, заштитениот сведок препозна тројца од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро. Сведокот со кодно име Е1 во судницата рече дека 4 лица со возило „голф 3“ црна боја и затемнети стакла 4-5 дена пред 12 ти април секој ден доаѓале кај Смилковско Езеро.

Автомобилот бил со регистерска табличка 822, рече сведокот, и ги опиша лицата кои ги видел.

"Еден беше висок, црн, со лузна, постар, со седа коса, околу 50-годишна возраст, друг келав, со брада, 35-40 години и уште еден со брада. Не изгледаа како да одат на риболов“, рече сведокот.

Тој во судницата ги препозна обвинетите , Агим Исмаиловиќ и Сами Љута. И уште еден кој не е обвинет, но во моментот не е во судницата, за кој рече дека не смее да го посочи од безбедносни причини.

Пред почетокот на судењето судијата, по барање на обвинителката Фатиме Фетаи, образложи дека е почната постапка за екстрадиција на двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се наоѓаат во Косово.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.