Путин се сретна со неговиот советник за безбедност Патрушев

Советниците за безбедност на Москва и Вашингтон, Николај Патрушев и Џон Болтон.

Кремљ соопшти дека претседателот Владимир Путин се сретнал со неговиот советник за безбедност Николај Патрушев, со кој дискутирале за односите меѓу Москва со Вашингтон, еден ден пред средбата на Патрушев и американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека денешната средба на Путин со Патрушев и со останатите претставници на Советот за безбедност, се одржала во рускиот град на Црното Море, Сочи.

Песков рече дека Патрушев и Болтон ќе разговараат „за многу прашања кои се чувствителни.“

Песков рече дека билатералните односи меѓу Вашингтон и Москва „продолжуваат да се деградираат, со што е потребно да се бара заедничка основа, обидувајќи се да разберат дали тоа воопшто е можно и дали другата страна е подготвена за тоа.“

Планираната средба на Патрушев со Болтон на 23 август е прва официјална, по самитот во јули во Хелсинки меѓу Путин и претседателот на САД Доналд Трамп.