По пауза од скоро месец ипол, продолжува судењето за случајот на СЈО „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на рочиштето побара од судот да започне постапка за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои се во Косово и се недостапни за македонските власти, а по кои е распишана меѓународна потерница.
Судијата Огнен Ставрев рече дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција. Ставрев исто така рече дека јавноста нема да биде исклучена од сослушувањата на заштитениот сведок во случајот.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.