На Трамп му се заканува нов Вотергејт

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Двајца екс соработници на Трамп пред судски казни

Судот во сојузната држава Вирџинија го прогласи за виновен поранешниот шеф на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт за осум финансиски кривични дела. Во истовреме, поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен ја призна вината за кршење на правилата за финансирање на изборната кампања и за други обвинувања.

Прогласувањето на Пол Манафорт за виновен беше во првиот судски процес како резултат од истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за мешањето на Русија во претседателските избори во 2016 година.

Тоа, како што се оценува, претставува голема победа за Мулер кој го гонеше Манафорт како дел од неговата истрага дали кампањата на Трамп соработувала со Русија за да победи во трката за Белата куќа.

Мулер веќе обезбеди признавање на вината од неколку поранешни помошници на Трамп.

Оваа прва пресуда сега му го отвора патот да го интервјуира и претседателот Трамп.

Тој пак,изјави дека случајот нема никаква врска со улогата на Русија во изборите и оти станува збор за продолжување на „ловот на вештерки“.

„Се чувствувам лошо, морам да ви кажам дека Пол Манафорт е добар човек, тој беше со Роналд Реган, тој беше со многу различни луѓе во текот на изминативе години и многу жалам за тоа. Тоа не ме вклучува мене, но сè уште чувствувам. Знаете, ова е многу тажно нешто што се случи. Ова нема никаква врска со рускиот заговор“.

Скоро истовремено со прогалсувањето на Манафорт за виновен, поранешниот личен адвокат на Трамп, Мајкл Коен ја призна вината за кршење на правилата за финансирање на изборната кампања и за други обвинувања за финансиски криминал.

Тој притоа изјави дека тој и Трамп им платиле пари на една порно актерка и на една манекенка на Плејбој да молчат за односот со Трамп со цел тоа да не влијае врз претседателските избори во 2016 година.

Американскиот заменик обвинител Роберт Кузами во врска со ова изјави:

„Ова се многу сериозни обвиненија и одразуваат модел на лаги и нечесност во подолг временски период“.

Во меѓувреме се појавија и наводи дека Трамп би можело да ги помилува двајцата екс соработници на што веднаш реагираа дел од сенаторите во неговата Републиканска партија.

Сенаторот Линдзи Греам вели: „Не можам да помислам дека она што го направил г-дин Манафорт заслужува помилување“. Сенаторот Патрик Лихи пак, додава: „Претседателот може, но мислам дека ќе создаде голема реакција. Мислам дека тоа би значело повторување на Вотергејт“.