Почнува нова постапка за случувањата во Собранието

Новата зграда на Кривичен суд во Скопје

Во Кривичниот суд во Скопје денеска почнува нова постапка за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година. Предметот ќе го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска. Јавното обвинителство поднесе обвинителен акт против 30 лица, од кои 28 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а две лица за помагање при вршење на истото кривично дело. Според Обвинителството, со обвинителниот акт се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, како и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“. Основниот суд Скопје 1 првата главна расправа по предметот за настаните од 27 април 2017 година во Собранието ја закажа за 22 август годинава во 10:00 часот, а за следниот период се закажани вкупно 37 термини за главна расправа.