Трамп ги намали рестрикциите за емисиите на гасови

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп го објави предлогот за стандардите за ограничување на емисиите на штетни гасови од централите на јаглен, со кој се предвидува значително намалување на рестрикциите од времето на претходниот шеф на државата Барак Обама.

Новиот план претставува удар за напорите на Обама да го забави процесот на глобалното затоплување, бидејќи им дава на сојузните држави повеќе простор во одредувањето на начините за регулација на загадувањето од електрични централи, јавува Асошиејтед прес. Планот за чисти електрани на "Обама" беше насочен кон намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина од електраните на јаглен. Американската Агенција за заштита на животната средина наведува дека новиот план "ја промовира енергетската независност, го стимулира економскиот раст и создавањето работни места", нарекувајќи го планот на Обама оптoварувачки и со премногу регулатива.

Републиканскиот сенатор Џон Барасо од државата Вајоминг, богат со рудници за јаглен, ја поздрави замена на планот на Обама. Истовремено пак, активистите за заштита на животната средина веруваат дека оваа мерка ќе и наштети на борбата против глобалното затоплување.Се очекува Трамп да го промовира овој план за време на својата посета на Западна Вирџинија. Планот на Обама предвидува намалување на емисиите на јаглерод диоксид во САД до 32 проценти во периодот од 2005 до 2030 година.