Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека кризата околу турската валута е резултат на „напад“ врз економијата на неговата земја. Ваквите забелешки Ердоган ги даде денеска во пресрет на муслиманскиот празник Еид ал-Адха, во услови кога спорот со Вашингтон се влошува поради затворањето на американскиот пастор и заложбата Турција да купи руски ракетни системи С-400.
Во однапред снимено обраќање, Ердоган пред почетокот на четиридневниот празник рече дека целта на оние кои ја обвинуваат Турција за валутната криза е да ја доведат „Турција и нејзиниот народ на колена.“ Но, рече Ердоган, Турција има моќ и способност да ја надмине кризата.
Вашингтон воведе санкции кон неговиот сојузник во НАТО поради затворањето на пасторот Ендру Брансон, кој моментално е во домашен притвор по една ипол година поминати во затвор. Тој се соочува со казна затвор од 35 години доколку биде осуден за обвиненија за шпионажа и тероризам.
Турција го обвини Брансон за поврзаност со турскиот свештеник од САД Фетула Ѓулен, кој Ердоган го обвини за организирање на неуспешниот државен удар во 2016 година.