Продолжува судењето за предметот на СЈО „Титаник“

Архива: Поранешниот премиер Никола Груевски во Кривичниот суд на судењето за случајот Титаник.

Продолжува судењето во Кривичниот суд за предметот на СЈО „Титаник“ во кој обвинети се повеќе поранешни функционери, со слушање на повеќе од 900 прислушувани разговори.

Во судницата присутни се сите обвинети, а одбраната побара од судот да се нотира дека е присутен технички советник кој побара увид во ЦД-то од кое се репродуцираат разговорите, по што СЈО возврати дека можат да дојдат во обвинителството каде тоа ќе им биде овозможено.

За предметот „Титаник“ СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и други функционери на ВМРО-ДПМНЕ за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања.