САД ја одложија воената парада на Трамп за 2019 година

Архива: Секретарот за одбрана на САД, Џим Матис.

Контроверзната воена парада која претседателот на САД Доналд Трамп се надеваше дека ќе ја одржи во ноември, е одложена најмалку до 2019 година, наводно поради проекциите за трошоците кои биле повисоки од очекуваните.

„Првично го предвидовме 10 ноември 2018 година за овој настан, но сега се согласивме со Белата куќа да ги разгледаме можностите во 2019 година“, изјави денеска портпаролот на Министерството за одбрана Роб Менинг.

Неименуван извор од Пентагон изјави за Ројтерс дека причината за одложувањето е проценката дека трошоците биле повисоки од 90 милиони долари, што е најмалку три пати повеќе од првичните проценки на Белата куќа.

Зборувајќи пред новинарите во Богота, секретарот за одбрана Џим Матис одби да ја потврди проценката од 90 милиони долари и повика медиумите да „побараат подобри извори.“