Мостот на Вардар кај Велес е во многу лоша безбедносна состојба

Илустрација- градот Велес

Во многу лоша состојбата се столбовите и целосната конструкција на мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес стар 47 години. Загрижени за безбедноста на сообраќајот, Општина Велес пред неколку месеци распиша тендер за избор на најповолен испитувач на состојбата. Според првичните проценки на испитувачите-стручњаците од Градежниот факултет од Скопје, мостот треба привремено да се санира, а како трајно решение е изградба на нов, безбеден мост.

Градоначалникот Аце Коцевски, кој денеска направи увид на терен, најави барање дека ќе бата пари од централната власт за изградба на нов мост на Вардар подолу од постојниот.

Професор Елена Думова-Јованоска од Катедрата за теорија на конструкции од Градежниот факултет во Скопје рече дека Заводот за испитување на материјали веќе го извршил првиот визуелен дел и се обратил кај нив. Од визуелниот преглед, рече таа, може да се согледаат одредени оштетувања на мостот. Опремата што ја користат, рече, е во соработка со американска компанија „Диџитекс“ и мери многу чувствителни, амбиентални вибрации. Рече мерат како се однесува конструкцијата само по себе, како и под дејство на сообраќај.

До крајот на неделава и почетокот на идната Општина Велес ќе ги добие нивните стручни согледувања за состојбата на мостот. Според професорката, станува збор за систем на мостовска конструкција кој е анахрон за 21 век и е дотраен. Рече дека последиците ќе бидат големи ако веднаш се затвори мостот, но препорачуваат одреден период да има побезбедна употреба на мостот. Долгорочното решение, нагласи таа, е изградба на нов мост.

Според мерењата на Заводот за испитување на материјали извршени пред неколку дена, во еден час поминале 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили. Овој мост е изграден како привремен од тогашната ЈНА во далечната 1971 година. По мостот до пред десетина години поминуваше регионален пат, а веќе десетина години тој е пренеменет како локален.