Управата за јавни приходи со измените во Законот за банки, по автоматизам ќе добива увид во приходната страна од сметките на граѓаните. За останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесува писмено барање.
„Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не и се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава“, се наведуваат во соопштението од Министерството за финансии.
Од Министерството соопштуваат дека податоците што ќе ги добива УЈП ќе бидат шифрирани со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните. Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени во Законот за Управата за јавни приходи, велат од Министерството за финансии.
Министерството и УЈП имале состанок со Банкарската Асоцијација посветена на дополнувањата на Законот за банки.
Промените ќе стапат на сила од почетокот на 2019 година, бидејќи истите се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава. Со ова како и во најголем дел од европските земји граѓаните ќе се ослободат од пополнување на годишната даночна пријава.
Според Министерството нема да има никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход, истакнуваат во соопштението.