Еко-свест: Гасоводот низ Водно ќе уништи значајни природни богатства

Градежна механизација во Парк-шумата Водно каде е планирано да се изгради гасовод. Фото „Го сакам Водно“.

На парк шумата Водно и се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја богати со биодиверзитет, велат од граѓанската организација „Еко-свест“, наведувајќи дека во изминатата недела испратиле дописи до меѓународни институции и банки со цел да алармираат за проблемите од изградбата на гасоводот низ Водно.

„Станува збор за спорната делница пет Скопје-Гостивар-Кичево на проектот за национален гасификациски систем на Р.М. за чии потреби е одбрана траса која минува по сртот на парк шумата Водно и низ значајни подрачја на природа чие уништување е неповратно“, потенцираат од Еко-свест.

Оттаму исто така посочуваат дека оценката за влијание врз животната средина нема стратетија за управување со ризици и дека не се испочитувани ниту мерките за намалување на негативните влијанија при расчистување на теренот.

„Дополнително, изминатата недела излегоа информации според кои биологот кој е потпишан на овој документ воопшто не учествувал во неговата изработка. Со ова се доведува во прашање веродостојноста на податоците и самата студија“, порачуваат од Еко-свест.