Двајца грчки војници се ослободени од затвор во Турција и минатата ноќ се вратија во Грција со владин авион, јави грчката државна телевизија ЕРТ наведувајќи дека авионот пристигнал во Солун во 3 ипол часот по локално време каде биле пречекани од грчкиот министер за одбрана Панос Каменос.
Војниците беа уапсени во Турција на 1 март годинава кога за време на патрола на грчко-турската граница, залутаа на турска територија во услови на густа магла, по што турските власти ги обвинија за шпионажа и досега ги одбиваа грчките барања за нивно ослободување.
Каменос по пристигнувањето на војниците најави дека ќе му се јави на неговиот турски колега да изрази задоволство од одлуката за нивно ослободување и оти ќе го покани да ја посети Грција. Тој истакна оти се надева дека ослободувањето ќе отвори ново поглавје во грчко-турските односи.