Во талибански напади на неколку воени објекти во северната авганистанска провинција Бахлан, убиени се најмалку 30 војници и полицајци, велат официјални претставници од провинцијата.
Шефот на провинцискиот совет Мохамед Сафдар Мохсени изјави дека милитантите отвориле оган врз два контролни пунктови во напад кој се случил во областа Махлан-е Мархази во текот на ноќта.
Двајца други членови на советот, Хајатула Вафа и Асадула Шабас, изјавија дека Талибанците нападнале најмалку една база и три контролни пунктови.
Талибанскиот портпарол Забихула Муџахид ја презеде одговорноста за нападот, што е последен во серијата напади во кои загинаа десетици припадници на авганистанските безбедносни сили во последните денови.