Во тек е јавниот увид на Избирачкиот список, се бришат починати лица

Државна изборна комисија ДИК.

59 лица од општините Кисела Вода, Студеничани, Сопшите и Зелениково ќе бидат избришани од Избирачкиот список. Според информациите од подрачната единица на Државната изборна комисија во Кисела Вода станува збор за починати лица за кои се донесени изводи од умрените од страна на месните канцеларии на Управата за матична евиденција по почетокот на јавниот увид за референдумот на 30 септември.

Освен по основ на смрт, бришење од Избирачкиот список може да има и по основ на државјанство, но во првите три дена од увидот барање за бришење по основ на државјанство немало во ниту една канцеларија на ДИК.

Од ДИК велат дека освен по службена должност, граѓаните можат сами во подрачните канцеларии на Комисијата и со уверение од матичната книга за умрени да побараат бришење на починато лица во Избирачкиот список.

По основ на државјанство, граѓаните тоа може да го побараат со потврда од Министерството за внатрешни работи, појаснуваат од ДИК наведувајќи дека доколку граѓани сакаат да променат податоци во Избирачкиот список тоа може да го направат со нова лична карта или нова патна исправа.

Меѓу општините каде што има најголем одѕив за увид во Избирачкиот список се Радовиш и Струмица каде имало 92, односно 96 лица кои направиле проверка на податоците. Увидот во Избирачкиот список трае до 23 август на полноќ.