Норвешкиот министер за рибарство Пер Сандберг поднесе оставка по острите критики дека ги прекршил безбедносните протоколи со тоа што приватно патувал во Иран и Кина, а за што не ја известил владата. Сандберг (58) не ги наведе причините поради кои однапред не ги известил надредените за тоа патување - одмор во јули во Иран, каде што бил со својата партнерка Иранка, и пат во Кина во мај. По враќањето од Иран, неговиот службен телефон е предмет на норвешката разузнавачка служба, која проверува да не е хакиран, бидејќи агенцијата смета дека Иран е „земја со висок ризик“ кога станува збор за електронски надзор. Министрите имаат обврска да го известат кабинетот на премиерот за тоа каде патуваат без оглед на дестинацијата, а исто така им е забранета употреба на службен телефон во земјите со кои Норвешка нема воспоставено соработка на полето на безбедноста.