Во најбрз можен рок ќе биде објавен нов јавен повик за финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници, соопшти попладнево Министерството за транспорт и врски. Според министерството, нови, евтини и поволни летови до атрактивни дестинации за граѓаните на Република Македонија ќе има, а средствата за поддршка на авиопревозниците се обезбедени од неговиот буџет.
„Заинтересираните авиокомпании кои ќе се пријават на јавниот повик треба да поднесат уредно и целосно пополнети пријави во предвидениот рок, согласно законските прописи и наведените услови. Согласно својата деловна политика, секоја авиокомпанија самостојно одлучува за релациите на кои ќе сообраќа. Прекуновиот јавен повик ќе се избере компанија која во целост ќе ги исполни барањата и ќе понуди најголем број нови дестинации.”, наведува министерството.
Претходно нискобуџетската авиокомпанија „Визер“ соопшти дека од октомври повеќе не продава билети за авиолиниите од Скопје до Барселона и од Охрид до Лондон, билети по 16 септември веќе нема да можат да се купат ниту за летовите до Ваксјо во Шведска. Од компанијата соопштија дека е вообичаена пракса во авионската индустрија фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите и оти „Визер“ постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени.