Уапсен човекот во Албанија кој уби осум и рани шестмина свои роднини

Илустрација: Автомати Калашников

Албанската полиција по 12-часовна потрага утрово го уапси мажот, осомничен дека синоќа во селото Ресулај кај Валона, уби осум и рани шест негови роднини.

Како што јави дописникот на МИА, убиецот бил пронајден сокриен во шумскиот предел на излезот од селото. На местото е пронајдена и автоматската пушка „калашњиков“, со која тој ги изврши убиствата.

Повеќекратниот убиец, 24-годишниот Ридван Зикај синоќа околу 19 часот со автоматска пушка ги братот на дедо му, неговата сопруга, двајцата синови, двете снаи и двајцата внуци.

Убиецот прво влегол во куќата на 75-годишниот брат на дедо му и го усмртил со рафали од автоматска пушка, заедно со неговата 72-годишна сопруга и нивниот син и снаа на возраст од 45 и 42 години.

Потоа, заминал во домот на другиот син на братот на дедо му, која била во близина, каде ги убил 43-годишниот сопственик на куќата, неговата 42-годишна сопруга и нивните две деца на возраст од 16 и осум години.

Во нападите во двете куќи се ранети уште шест лица, членови на истото семејство.

Во селото синоќа пристигнаа и министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај и генералниот директор на полицијата Арди Велиу, кои одблиску ја следат акцијата.

Настанот е еден од најсмртоносните во последните децении во Албанија. Осомничениот за убиството бил корисник на дрога. Тоа е повеќекратно убиство со најголем број жртви во Албанија по 1990 година.

Истрагата сè уште нема точна информација за мотивите, но медиумите тврдат дека станува збор за кавга околу имот.

Зикај е префрлен во Полицискиот комесаријат во Валона, каде ќе биде подложен на тестови за утврдување на неговата психичка состојба.

Во периодот додека полицијата го бараше, тој на Фејсбук објави неколку пораки, а во една од нив му се потсмеваше на албанскиот премиер Еди Рама, порачувајќи му дека не може да го најде.