НБРМ: Банките најзначен фактор за стабилноста на финансискиот систем

Архива: Народна банка на Република Македонија.

Македонскиот финансиски систем минатата година работеше во поповолно опкружување во однос на 2016 година, одржувајќи ја својата стабилност и непречено работење во сите сегменти, се вели во заклучоците од Извештајот на НБРМ за финансиската стабилност на Македонија во 2017 година.

Во извештајот е наведено дека банките остануваат најзначајниот фактор за одржување на стабилноста на целокупниот финансиски систем и на одделните финансиски институции и оти во текот на минатата година немало позначителни промени во однос на изложеноста на банкарскиот систем на ризиците во работењето.

„Ризиците од нефункционалните кредити не се големи, имајќи предвид дека банките обезбедуваат високо нивно на нивна покриеност со исправка на вредноста, при што нивната евентуална целосна ненаплата не би ја нарушила солвентноста на банките“, се вели во извештајот.

Минатата година дошло до подобрување на солвентноста на банкарскиот систем, ликвидноста на банкарскиот систем е задоволителна, а ликвидните средства се задржани на ниво што овозможило непречено извршување на деловни активности на банките, се вели во извештајот.

„Искуството на банките покажува поголеми ризици од корпоративниот сектор, наспроти домаќинствата, поради што е сè поголем нивниот интерес за кредитна поддршка токму на домаќинствата.“

Во извештајот се наведува дека поголемиот интерес на банките за кредитна поддршка на домаќинствата е поткрепен и со зголемената побарувачка за кредити во доменот на станбеното кредитирање, поволните остварувања на пазарот на труд и поволните очекувања на потрошувачите во поглед на невработеноста и финансиската состојба.