ОН: Околу 18.000 луѓе во Македонија живеат во услови на современо ропство

Илустрација: Обединети нации.

Во Македонија во услови на современо ропство живеат околу 18 илјади лица, односно 8,7 лица од илјада македонски државјани, покажува Глобалниот индекс за ропство 2018, изработен од Обединетите нации и Вок фри.

Податоците покажуваат дека Македонија се наоѓа на третото место на листата земји од Европа и Централна Азија. Полошо рангирани се само Туркменистан и Белорусија, а најдобро рангиран е Луксембург, каде само 1,5 лица од 1000 живеат во услови на современо ропство.

Според фондацијата Вокс фри, не постои општоприфатена законска дефиниција за современо ропство, но тоа се одредува земајќи ги во предвид следните критериуми: криумчарење луѓе, присилна работа, ропство дефинирано со меѓународната Конвенција за ропство од 1926 година, должничко ропство, присилен брак и детски труд.

Резултатите од извештајот на светско ниво покажуваat дека повеќе од 40 милиони во моментов живеат во некој вид ропство, а најмногу во Азија и Африка. Во САД во услови на ропство живеат околу 400 илјади луѓе.

Проценките во студијата се темелат на различни официјални статистики на државно и меѓународно ниво, но и со разговори со повеќе од 70.000 луѓе. Податоците од Извештајот покажуваат дека 71 процент од современите робови се жени, додека 29 отсто се мажи.