Трамп: „Секој што прави бизнис со Иран, нема да прави со САД“

Претседателот на САД Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој со извршна наредба повторно воведе санкции кон Иран, денеска на Твитер напиша дека мерките значат дека „секој што прави бизнис со Иран, нема да прави бизнис со САД.“

„Јас барам светски мир, ништо помалку!“, напиша Трамп.

Првиот бран тешки санкции кои САД ги воведоа кон Иран денеска стапија на сила. Мерките имаат за цел да го отсечат пристапот на Иран до американски долари и да ја задушат трговијата во клучните ирански индустрии, вклучително автомобилската, прозиводството на авиони и персиски килими.

Вашингтон тврди дека Иран веќе се соочува со економски проблеми предизвикани од санкциите, при што иранската валута ријал веќе загубила половина од својата вредност, откако Трамп објави дека САД ќе се повлечат од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година постигнат со светските сили.

Повеќе санкции кон иранскиот нафтен сектор и централната банка ќе бидат воведени во ноември.

Пред воведувањето на санкциите, Трамп рече: „Ги повикуваме сите нации да преземат вакви чекори, да стане јасно дека иранскиот режим со соочува со избор: или да го промени своето заканувачко, дестабилизирачко однесување и да се интегрира во глобалната економија или да продолжи на патот кон економска изолација“, рече Трамп.

Тој предупреди дека тие кои нема да ја намалуваат економската размена со Иран „ризикуваат сериозни последици.“

И покрај повлекувањето на САД од нуклеарниот договор, иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека Иран ќе продолжи да ги почитува ограничувањата предвидени во договорот во замена за континуирано ослободување на санкциите од ЕУ, Кина, Русија и другите големи трговски партнери.