Талески: Владата ќе има информативна кампања за референдумот

Архивска фотографија- зградата на Владата на Република Македонија

Владата подготвува интензивна информативна кампања со цел да се приближи суштината, карактерот на договорот со Грција и да се информира јавноста најдетално за секој граѓанин да може да донесе одлука базирана на информации на референдумот, најави советникот на премиерот за надворешна политика Дане Талески.

“Во таа смисла веќе неколкупати премиерот зборува за договорот исто така и различни министри, а поентите се дека државјанството според договорот останува македонско, дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик е целосно заштитен, дека нема да има промена на ниту еден од официјалните симболи на државата и дека договорот каков што е не е идеален, но е доволно добар, фер договор кој ги зачувува нашите основни потреби и ни отвора перспектива”, вели Талески во интервју за ТВ Канал 5.

Според него, во моментов се води многу недобронамерна пропаганда и се сеат лаги меѓу луѓето. Талески вели дека и граѓаните и тие кои ја водат кампањата за бојкотирање требало да знаат дека неостварување на цензусот значело оти референдумот не создал правна обврска и дека тоа не го дерогирало договорот, туку граѓаните ја префрлале одговорноста на институциите. Советникот на премиерот смета и дека триесетте политички и граѓански здруженија кои вчера потпишаа Меморандум за стратешка соработка за бојкот на референдумот претставуваат маргинална група. Тие имаат право да го изразуваат својот став, но вели претставуваат многу мал, ограничен маргинален дел од нашето општество кој не сака РМ да оди во ЕУ и во НАТО, наспроти преку 80 отсто од населението кое сака да бидат реализирани стратешките цели на државата - членството во НАТО и ЕУ.

Талескиповтори дека на лидерските средби е договорено, односно добиено е ветување од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не го бојкотира референдумот и да не повикува на активен, ниту на пасивен бојкот, бидејќи, нагласува, опозицијата има апсолутна обврска да работи во интерес на граѓаните и на државата.