Кинеската влада денеска најави листа на американски производи во вредност од 60 милијарди долари, која вклучува кафе, мед и индустриски хемикалии, како одговор на новите закани од Вашингтон за зголемување на царините. Кинеското Министерство за финансии ја обвини администрацијата на претседателот Доналд Трамп дека ја загрозува светската економија, откако предложи воведување дополнителни давачки од 25 отсто за кинески производи во вредност од 200 милијарди долари, поради спорот околу политиката на Пекинг кон технолошките компании.
САД на 6 јули воведоа такса од 25 отсто на кинеска стока во вредност од 34 милијарди долари, на што Кина одговори со слични давачки на иста вредност американски производи.
Економскиот советник во Белата куќа, Лери Кадлоу, денеска реагира дека Кина не треба да ја потценува одлучноста на претседателот Трамп да оди „уште подалеку“. Во разговор за телевизијата Блумберг, тој рече дека кинеската економија ослабнува, со што Пекинг не е во добра позиција да преговара со Вашингтон.