По катастрофалните пожари во Атика во Грција минатиот понеделник, во кои имаше над 90 жртви, во Грција се уште се бараат причините зошто толку луѓе трагично загинаа, а многумина сметаат дека освен лошите временски услови, силниот ветер и брзината на пожарот, своја, негативна улога одиграле и дивоградбите.
Според Министерството за животна средина на Грција, во децентрализираната администрација на Атика постои листа со 2.500 дивоградби во шума, но и 685 дивоградби на брегот, кои според препораките на катастарските шумските служби треба да се урнат, изјави портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос.
„Се работи на тоа листата да добие приоритет и ќе направиме се што е неопходно, ќе се конфронтираме со кој било ако е потребно за да ја заштитиме и Атика, но и целата земја од веројатноста за една нова ваква природна катастрофа во иднина“, рече Ѕанакопулос.