Трошоците за референдумот нема да ги загрозат капиталните инвестиции, тврди Анѓушев

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, тврди дека парите кои ќе бидат издвоени од буџетот за организирање на референдумот битно нема да го променат износот на пари во државната каса наменети за капитални инвестиции кои, според него, во наредниот период ќе се реализираат со побрзо темпо за разлика од првите шест месеци.

„Слушнавме дека сумата која е потребна за организирање на референдумот е 3,5 милиони евра. Тоа е е под еден отсто од вкупните 400 милиони евра кои се издвојуваат од буџетот за реализација на капитални инвестиции и таа сума за референдумот нема битно да влијае на реализацијата на капиталните инвестиции“, изјави Анѓушев на денешната прес-конференција.