Клучна недела за распишување на референдумот за името

Собрание на Република Македонија

Собранието се очекува утре да има седница за распишување на референдумот за името. Седницата засега официјално не е најавена на собраниската веб страница, иако 30 јули се посочуваше како еден од крајните датуми за распишување на референдумот со цел тој да се одржи на 30 септември.

Според Законот, референдум на државно ниво распишува Собранието и тоа по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150 илјади граѓани. Предлогот за распишување референдум на државно ниво со образложение се поднесува до претседателот на Собранието , кој е должен во рок од 30 дена да донесе одлука за распишување на референдум. Одлуката потоа се објавува во Службен весник и други средства за јавно информирање. Од денот на објавувањето до одржувањето на референдумот не можат да поминат помалку од 60, ниту повеќе од 90 дена.

Со формирањето на Државната изборна комисија минатата недела, чии членови утре во Собранието ќе дадат свечени изјави, се создадоа и формални услови за организирање на референдумот.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека нема поместување во несогласувањата околу референдумското прашање и карактерот на референдумот.