Пожари во Калифорнија, евакуирани неколку илјади луѓе

Пожарот кој избувна завчера во јужна Калифорнија, ноќеска со голема брзина се проширил во повеќе области од јужниот дел на сојузната американска држава и зафатил површина од над 2000 хектари , јави АП.

Според информациите од локалните власти, пожарот кој се шири со голема брзина поради ветерот и високите температури, многу е веројатно дека го подметнал пироман. Противпожарните и спасувачките служби соопштија дека само ноќеска биле евакуирани над 3000 луѓе.

Во областите Риверсајд и Шаста, каде ситуацијата е најтешка, прогласена е вонредна состојба. Уништени се голем број куќи, а со пожарот, кој оформил пламен ѕид, се борат 700 пожарникари.

Неколку пожари, иако со помал интензитет, има и на северот од Калифорнија. Во округот Шаста пожарот зафатил околу 11 хектари, а според локалните власти, има и една жртва.

Гори и во околината на Сан Диего, поради што се евакуирани 200 луѓе.