Првите активности на Комисијата ќе бидат нејзиното конституирање, а потоа и спроведување на референдумот за името, вели новиот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски.
Деркоски, кој на чело на комисијата доаѓа на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека членовите на ДИК во оваа ситуација не можат да заземаат политички ставови туку треба да ги почитуваат законите и Уставот.
„Како прв чекор на новата Комисија ќе биде конститутивната седница на ДИК и потоа како орган што треба да спроведе иден референдум ќе треба да ги преземеме првите чекори во тој правец. Се надевам дека ќе успееме да одговориме на поставената задача согласно Уставот и позитивните законски прописи што го налагаат тоа“, вели за МИА претседателот на ДИК.