Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, денеска рече дека не ги повлекле пријавите што ги поднесувале до власта додека СДСМ била во опозиција, вклучувајќи ги тука и пријавите за функционери на ДУИ.
Тој на прашањето на пратеникот Сурија Рушити од Алијансата за Албанците, „до каде е процесуирањето на пријавите“, премиерот рече дека сите се процесуирани, дел од пријавите се веќе и во судовите, а некои се отфрлени поради недостаток од докази.
„Тоа што го знам, го гледам од медиумите. Пријавите се процесуирани од институциите. Ние немаме повлечено ниту една. Некои од пријавите се и во судски постапки, а некои отфрлени бидејќи немало докази“, рече Заев.
Кривичните пријави се поднесени по објавените прислушкувани разговори. Во 2015 година во интервју Заев рече дека пријавите се за Бујар Османи и Муса Џафери. Тогаш, Заев тврдеше дека има сомненија за направен криминал од тогашната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.