Грчката противпожарна служба соопшти дека според официјалните податоци до овој момент, 79 лица го загубија животот во пожарите во регионот Атика, а и понатаму е непознат бројот на исчезнати лица.
„До сега добивме десетици повици за регистрирање на исчезнати лица. Бидејќи е во тек процесот на идентификација на телата на загинатите, се појаснува дека можеби меѓу исчезнатите да се вклучени и овие 79 лица, чии тела се пронајдени,како и лица кои се вратија кај нивните најблиски, без да ги информираат надлежните власти“, рече портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири.
Таа додаде дека продолжува и денеска потрагата по исчезнати во опожарените населби Вуѕа, Мати и Рафина.
Паралелно, уште еднаш порача дека граѓаните чии блиски се исчезнати да пријават на бројот на противпожарната служба, за да се одреди точниот број на лица на кои им се губи секаква трага.
Додека Грците се справуваат со најкатастрофалниот пожар во нивната понова историја, Бугарија ги предупреди Грција и Турција дека би можеле да се соочат со поплави, бидејќи се очекува обилните дождови да условат излевање на реката Арда и Марица на територијата на тие две држави.
Во предупредувањето од Софија се наведува дека во следните денови браната Ивајловград на реката Арда во источните Родопи би можела да биде поплавена поради најавените обилни врнежи.
Реката Арда тече кон исток кон Грција и се влива во реката Марица на грчката граница со Турција.