Преку социјалните мрежи и преку грчките медиуми, граѓани споделуваат фотографии од нивни роднини и пријатели кои што се исчезнати од вчера и бараат помош, а грчка компанија создаде интернет платформа за пронаоѓање на исчезнати лица. Како што јави дописничката на МИА од Атина, официјално не е познат бројот на исчезнати лица. Со оглед на тоа дека голем дел од пронајдените тела се јагленосани, тешко оди идентификацијата на жртвите, а со тоа не се знае дали лицата по кои се трага се живи или не.
Портпаролката на грчката противпожарна служба упати апел до граѓаните да го користат нивниот број за пријавување на исчезнати лица. Неофицијално, во противпожарната служба биле пријавени 35 исчезнати. Грчка компанија за информатички услуги, за да им помогне на граѓаните, создаде интернет платформа, односно база на податоци со исчезнати лица. Паралелно Грците се организираат пред се преку социјалните мрежи за собирање неопходни продукти за помош на погодените граѓани.