Управа за извршување санкции: Осудениот за убиството на Мартин Нешковски е на лекување

Управата за извршување санкции, по објавувањето на информации дека осудениот за убиството на мартин Нешковски - Игор Спасов е пуштен од затвор, соопшти дека „осудениот Спасов е на лекување заради дијагностицирање на влошена здравствена состојба и треба да се врати на издржување на казната на 6 август годинава во КПД Идризово“.

„Поради сомневање за влошување на здравствената состојба, на барање на КПД Идризово, по претходно доставена молба од осудениот и приложена медицинска документација, на осудениот му се одобрува прекинот на казната од 22.06.2018 до 07.07.2018 година. Во медицинскиот наод е наведено дека актуелната здравствена состојба кај осуденото лице се следи суспектен наод на липоматозна туморозна формација која дијагностички треба да се потврди, а заради која прекинот на казната е одобрен“, се наведува во соопштението од Управата за извршување санкции при Министерството за правда.

На 5-ти јули годинава, Основниот суд Штип го известил КПД Идризово дека на барање на осудениот, на истиот му се продолжува прекинот на казната, и тој ќе се врати на доиздржување на казна затвор во КПД Идризово на 6 август годинава.

„Барањата на осудените лица или на казнено-поправните установи кои се однесуваат на влошена здравствена состојба или потреба од клинични испитувања, се предмет на одобрување на прекин на казната од страна на Управата за извршување на санкциите и надлежните судови. Прекинот на издржување на казната не се засметува во издржаниот дел на казната“, се вели во соопштението.