Нема да дозволиме процесот за влез во ЕУ и НАТО да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми. Остануваме посветени до крај да стигнеме до решенија кои ќе овозможат услови за фер референдум во интерес на граѓаните на нашата земја, изјави премиерот Зоран Заев на денешната средба со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот.
Заев повртори дека амнестијата, која според него ја бара ВМРО-ДПМНЕ, е невозможна.
„Законот е еднаков за сите, амнестијата за политичкиот криминал е невозможна и особено нема да попуштиме пред притисокот да отстапиме од владеењето на правото“, рече Заев.
На средбата со Рот, македонскиот премиер рече дека Македонија со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за НАТО отворила ново поглавје во својата историја и, истовремено, отворила ново значајно поглавје и во историјата на Европа во период кога за ЕУ е од огромна важност единството на сите европски земји, соопшти владината прес-служба.