Утре лидерска средба

Архивска фотографија- Лидерска средба на Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами

Од владата попладнево информираа дека претседателот на Владата на Република Македонија и Претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев закажа лидерска средба. Во информацијата се наведува дека лидерската средба ќе се одржи утре, на 23 јули, во 09:00 часот, во Клубот на Пратениците.

Средбата ќе биде во формат како претходната, односно на неа ќе учествуваат претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Биљал Касами.

Последната средба се одржа во четвртокот и тогаш најавија нова која би се одржала во недела или понеделник. По средбата Заев и Мицкоски рекоа дека за дел прашања постигнале приближување во ставовите, а за дел не, но не прецизираа за кои конкретно. На утрешната средба главни теми се очекува да бидат формирањето на Државната изборна комисија во пресрет на референдумот за името, референдумското прашање, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се договори и финансирањето на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори. Од СДСМ, пак, тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги интересира само амнестија, но опозициската партија негира.