Анѓушев бара косопствениците да се повлечат од одлуката за аплицирање во Фондот за иновации

Архивска фотографија- Вицепремиерот Кочо Анѓушев

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги повика косопствениците на неговите фирми да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат.

“Планот за економски раст е модел врз кој се темели владината економска политика за раст и развој на компаниите на кои им се обезбедувааат еднакви услови и фер третман за сите. Не смееме да дозволиме да се фрли каква било дамка на целиот процес кој патем е кристално чист – транспарентни кртериуми, јасно дефинирани услови и фер шанса за сите кои ги исполнуваат – тоа се принципите врз кои ја градевме програмата за економски раст” изјави Анѓушев за МИА.

Тој нагласи дека е делумно сопственик на повеќе фирми во Македонија кои вработуваат вкупно над 1.000 луѓе, наведувајќи и дека сето тоа е пријавено уредно во анкетниот лист. Согласно законот, откако стапив на функција вицепремиер го испочитував во целост се откажав од управувачите функции во компаниите и ја продадов ЕДС, вели Анѓушев и ги повикува институциите тоа да го проверат.

“Јас не можам да бидам пречка и да го сопрам тоа и да влијаам врз одлуките што ги носат доминатните сопственици. Не гледам причина зошто вработените во компаниите во кои имам удел, поради мојата функција треба да бидат дискриминирани. Сепак поради настанатата ерозија на вредностите и искривента перцепција која се има акумулирано во последните 10 години во услови на нетранспарентно управување и владеење јавноста е разбирливо сензитивна. Со оглед на тоа ги повикав моите колеги косопственици да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат”, потенцира Анѓушев.

Според него, фактот што менаџментот на Кастинвест ја спаси единствената леарницата од стечај и го рестартираше производството и вработи 100-тина луѓе, го прави оптимист дека ќе изнајдат начин да го реализираат проектот самостојно.